Стоперот на Барселона, Жерар Пике ги повика навивачите да престанат да му свират на португалскиот фудбалер за врска Андре Гомеш (23), кој вчера го постигна првиот гол за каталонскиот клуб откако минатото лето пристигна од Валенсија за 35 милиони евра.
Гомеш се најде на мета на навивачите на Барса по поразот од 4:0 од ПСЖ во првиот меч од осмина финалето на Лигата на шампионите. Веќе во следниот натпревар против Леганес навивачите повторно го исвиркаа. Во реваншот против ПСЖ влезе во 84 минута, а во неделата против Валенсија тренерот Луис Енрике го внесе во игра во 74 минута. Но, навивачите го исвиркаа уште пред да влезе на теренот.
„Една работа е ако играте лошо и навивачите во свират, но кога тоа го прават пред да влезете во игра, тоа е нешто сосем друго. Така ви ја убиваат самодовербата. Тие што тоа го прават, подобро да си останат дома“, рече Пике.
Но, и покрај исвиркувањето, Гомеш на крајот може да биде задоволен бидејќи во 89 минута постигна гол за победа на Барса од 4:2.
„Мило ми е што го постигна својот прв гол за Барса, за мене тоа беше најсреќниот момент во мечот. Гомеш е многу талентиран и сигурен сум дека ќе биде многу важен играч за Барселона во иднина“, рече тренерот на Каталонците, Луис Енрике.