Бизнис

Пилотите и стјуардесите на „Рајанер“ во штрајк, компанијата со закани дека нема да вработува луѓе во Германија

12. септември 2018 - 15:17 | А.С.

„Рајанер“ се соочува со нов штрајк што ја принуди авиокомпанијата да откаже повеќе од една третина од летовите од и кон Германија.

24-часовниот штрајк што почна во 3 часот беше свикан од германскиот синдикат на пилоти Кокпит и екипажот на лет Верди. Како резултат на штрајкот се откажани 150 летови на авиокомпанијата од и до Германија.

Триесетина вработени се собраа утрово на аеродромот Шонефелд во Берлин, со транспаренти „Рајанер мора да се промени“ и „Нема права, нема летови“.

Одложување на резервации

„Рајанер“ овојпат не повика засилување од странски пилоти. Им предложи на патниците бесплатно да ги откажат резервациите од денес за во четврток, петок, сабота или недела.

Германскиот штрајк му претходи на штрајкот што ќе биде на ниво на Европа и што се очекува утре да го најават италијанските, португалските, шпанските, холандските и белгиските синдикати на пилоти и екипажи на лет.

Тие во заедничко соопштенија најавија дека во петок, 28 септември, ќе се случи „најголемиот штрајк во историјата на нискобуџетната ирска авиокомпанија“, што веќе со месеци се соочува со штрајкови на вработените.

Во август компанијата се соочи со големи симултани штрајкови на вработените во пет европски земји: 400 летови беа откажани среде сезоната на годишни одмори и повеќе од 55.000 патници беа засегнати од штрајковите.

Предупредувачки штрајк

Оттогаш „Рајанер“ направи спогодби во Ирска и во Италија, кои германските синдикати ги сметаат за недоволни и затоа сами стапуваат во штрајк со свои барања.

„Ова е првиот предупредувачки штрајк, а продолжението ќе зависи од тоа како ќе се одвиваат преговорите“, предупреди Кристине Беле, членка на административниот совет на синдикатот Верди.

Ирската авиокомпанија, пак, се закани дека нема да вработува персонал во Германија ако штрајковите не престанат.

Коментирај