Фудбал
КОПА ИТАЛИЈА 2019/20

Пиоли гневен на Рицоли: Прво нѐ убедуваше дека таква рака не е пенал, а сега ја свират

14. февруари 2020 - 13:21 | ф.з

Тренерот на Милан е лут поради двојните аршини кои владеат во Италија. За иста ситуација Судиската организација велеше дека пенал не се суди, а сега на неговиот тим му беше украдена победата во полза на Јувентус.

„Росонерите“ не можат да се помират со судиската неправда поради која синоќа испуштија победа во првиот полуфинален натпревар од Копа Италија. Едно ненамерно играње со рака на Ромањоли ги чинеше пенал, а горчината е поголема бидејќи токму за такви ситуации Италијанската судиска организација на чело со поранешниот судија Никола Рицоли претходно држеше предавања дека не треба да се судат согласно новите правила на ФИФА.

„Лут сум поради неколку причини. На почетокот од акцијата прво имаше фаул над Ибрахимовиќ, кој не беше досуден. Згора на тоа, пред неколку месеци кога бевме на состанок ни покажуваа снимки од натпреварот Каљари - Бреша и пеналот кој беше досуден. Ни беше кажано дека судијата погрешил бидејќи немало основа за најстрога казна бидејќи играчот не ја гледал топката. По тој натпревар Рицоли сам кажа дека немало пенал“, вели Стефано Пиоли.

Пиоли говори за победничкиот гол на Бреша на гостувањето кај Каљари во првото коло од оваа сезона кога главниот судија Еуџенио Абатиста и ВАР ги прекршија новите правила на ФИФА и досудија пенал откако Алберто Чери ненамерно и сосема несвесно играше со рака. Алфредо Донарума беше сигурен реализатор носејќи победа за Бреша.

Пеналот за Бреша (на 1:46):

Токму таа грешка потоа беше земена како пример кој им се прикажуваше на судиите за ситуација при која пенал не се суди откако ФИФА ги промени правилата. Синоќа повторно судија ги прекрши правилата откако досуди пенал за Јувентус откако топката го погоди в рака Алесио Ромањоли.

„Не знам што е различно во оваа ситуација бидејќи Калабрија не ја гледаше топката. Чери во таа ситуација скокна и не може да си ја исече раката, морате да ги користите рацете кога скокате. Немаше време да ја врати раката во природна положба“, вели разочараниот Пиоли.

Пеналот за Јувентус:

Тогаш Каљари непрaведно доживеа пораз дома, а сега Милан не ја доби заслужената победа. Лекцијата е ненаучена, дури ни ВАР не му ги отвори очите на судијата Паоло Валери кого го очекува суспензија поради лошото судење кое на крајот директно влијаеше на резултатот.

„Сакам да има појасни правила за тоа што е пенал, а што не е. Некој ќе рече дека шутот на Роналдо одеше кон голот, но не сум сигурен дека тој ќе погодеше од таа ситауција“, објаснува стратегот на Милан.

Во ноември Никола Рицоли на предавањето на кое присуствуваа судиите и тренерите за пример ја зема грешката од Каљари - Бреша и објасни зошто не е пенал: „Чери скока за да ја удри топката со глава, за малку не ја стига и почнува да паѓа со рацете во положба на пад. Казниво е или не? Во овој случај се рачуна динамиката, тоа е ставот кој ние го имаме. Ова е рака која хипотетички би можела да биде казнива, но мораме да ѝ дадеме приоритет на динамиката и поради тоа овде нема пенал“.

Коментирај