Архитектура

Пирамиди затворени повеќе од половина век сега се достапни за туристи

15. јули 2019 - 15:28 | А.С.

Египет викендов, за прв пат од 1965 година, отвори две пирамиди што се наоѓаат на околу 40 километри јужно од главниот град Каиро и сега тие се достапни за посетители.

Покрај веста за отворањето на двете пирамиди, од кои едната е т.н. Крива пирамида, египетското Министерство за антиквитети има уште новости.

Во областа Дашур, каде се наоѓаат повеќе кралски гробници, египетските археолози открија колекција камени, глинени и дрвени саркофази, а во некои од нив има мумии, рече египетскиот министер за антиквитети Калед ел Анани.

Археолозите исто така најдоа дрвени погребни маски, како и инструменти за обработка на камен што датираат од периодот од 664 до 332 година пред н.е., рече тој.

Во областа Дашур се наоѓаат некои од најстарите египетски пирамиди, вклучувајќи ги Кривата и Црвената пирамида.

Египет се надева дека со новите откритија и со отворањето на двете стари пирамиди ќе успее да го поттикне туризмот во земјата што нагло опадна по конфликтот во 2011 година.

Коментирај