Pirelli синоќа го претстави својот календар за 2023 година, кој е наречен „Писма до музата“ и е омаж на група „извонредни жени“.

Фотографката Ема Самертон откри дека избрала уметници, активистки, спортистки и други жени кои ја инспирирале.
„Сакав да се вратам на етимолошките корени на зборот муза и да ги прикажам жените кои ме инспирираат за нивниот придонес во литературата, науката и уметноста“, изјави Самертон за CNN.
„Идејата беше да се претстават кои се тие навистина и да се создадат светови кои би можеле да ги рефлектираат и да ги раскажат нивните поголеми приказни“, додаде таа.
Како таква, поставата од 14 модели кои инспирираат и надвор и на пистата се претставени како различни „музи“ на високо стилизирани фотографии.
Кара Делевињ, на пример, која покрај многу успешната манекенска кариера глумела и во бројни филмски улоги, се појавува како „Изведувачка“ и облечена во макрама облека, фотографирана во впечатливи пози меѓу глуварчиња.
Снимени во Њујорк и Лондон во текот на летото, моделите се фотографирани на сложени позадини, проткаени со магичен реализам и надреални елементи како глуварчиња, темни шуми, бувови и огледала, благодарение на сценографката Вика Руч. Тие се надополнети со фантастични костими на модната директорка Аманда Харлех.
„Да се има речиси целосно женски тим го направи целото искуство екстра посебно“, рече Самертон, додавајќи дека тоа е одлична соработка.
Во многу очекуваниот годишен календар се претставени некои од најголемите светски модели низ годините, од Иман до Кејт Мос. Секоја година се избира различен фотограф, а Ени Лејбовиц и Ричард Аведон се меѓу оние кои претходно снимале за календарот.
Самертон е петтата жена што го снима календарот откако за прв пат беше лансиран од италијанската компанија за гуми во 60-тите години на минатиот век.