Меѓународниот аеродром во главниот град на Малдивите, Мале, е единствениот што нуди интернационални летови од оваа островска држава во јужна Азија.

Аеродромот се наоѓа на островчето Хулхуле во близина на Мале, по кое го носи и името. Порано го носеше името на првиот претседател на Малдивите, Ибрахим Насир.
На ова островче во Индискиот Океан аеродромот бил отворен во октомври, 1960 година, кога имало само челична писта долга 914 метри и широка 23 метри.

Со зголемувањето на туристичкиот интерес за оваа рајска дестинација, аеродромот бил реновиран и била изградена дополнителна инфраструктура.
На островот-аеродром денес има и метеоролошка станица и хотел за патниците во транзит.

Додека некои од нив уживаат во спектакуларната глетка при слетување и полетување од овој необичен аеродром, други се преплашени, со оглед на тоа дека пистата е широка 45 метри, а долга 3.200 метри и се наоѓа на надморска височина од само 2 метри, па на слетување изгледа како да нурнувате во Индискиот Океан.