
Германија минатата година забележа најсилно зголемување на реалните плати од 2008 година, објави Федералниот завод за статистика во Визбаден.
„Реалните плати лани се зголемиле за 3,1 отсто во однос на 2023 година. Номиналните плати се зголемени за 5,4 отсто, а во исто време потрошувачките цени се зголемени за 2,2 отсто“, се вели во соопштението на Заводот за статистика.
Причината за најсилното зголемување на реалните плати од 2008 година, кога статистички се следи оваа вредност, се еднократните исплати за ублажување на ефектите од инфлацијата во последните години што ги добиваа многу вработени. како и многу колективни договори поволни за вработените склучени минатата година.
Во претходните години, поради пандемијата и разни глобални фактори како што е војната во Украина, реалните плати не растеа, а во 2022 година дури и се намалија.
И покрај растот на реалните плати минатата година, поради бранот поскапувања во последните години, реалните плати сè уште не го достигнале нивото пред пандемијата од 2019 година.
Сепак, како што информираат од Институтот за економија и социологија (WSI), зголемувањето на платите минатата година треба да се поврзе со зголемените маржи во некои сектори за време на кризните години.
Платите се особено силно зголемени во секторите ИТ и комуникации, како и во здравствениот и социјалниот сектор.
Реалните плати се зголемени за 5,3 отсто кај вработените жени.
Годинава економистите не очекуваат сличен раст како лани.
„Предуслов за силно зголемување на реалните плати е значително заживување на економската активност, што не е на повидок“, соопшти Економскиот институт во Кил.
Минатата година просечната месечна нето плата за самец без деца во Германија била 2.394 евра.