Здравје

Пливањето го подобрува учењето

3. јули 2019 - 12:53 | МИА
Рим, 3 јули 2019 (МИА) – Пливањето го намалува нивото на хормонот на стрес – кортизол, а го зголемува ендорфинот, кој ја намалува болката. Токму затоа, по пливање сме опуштени, а не уморни.

Бројни истражувања потврдија дека пливањето поттикнува обновување на нервните клетки во хипокампусот, кој, меѓу другото, е важен и за просторната ориентација, помнењето и способноста за учење нови податоци.

Eдноставно, пливањето нè прави попаметни. Докажано е дека децата што учат да пливаат во најрана возраст имаат поголеми шанси за поефективно образование, во споредба со децата кои подоцна учат да пливаат.

Истовремено со развојот на мозокот, пливачките движења ги активираат невроните во десната и левата хемисфера на мозокот, ја стабилизираат карлицата, ги зајакнуваат рамењата и ги подобруваат рефлексите.

Испитување од 2014 година покажа дека при пливање, протокот на крв низ мозокот се зголемува за 14 проценти. Сè ова, заедно со зголемувањето на ендорфинот како хормон на расположението, го изострува фокусот, овозможувајќи му на човекот поефективно и побрзо учење.

За најдобри резултати, треба да се плива триесет минути дневно и – трипати неделно. 

Коментирај