АвтоВАЗ, производителот на Lada покажа три прототипови, а најинтересен е сигурно оној кој конечно го најавува наследникот на скоро 50-годишната Lada Niva.

Lada, со помош на Renault, имаше големи планови за иднината, како за рускиот, така и за европскиот пазар, на кој планираше да се врати со нови и поатрактивни модели. Меѓутоа, војната меѓу Русија и Украјна ги прекина плановите и многу амбициозната стратегија, која беше предводена од Renault, а со која се планираше да се освои удел на пазарот на земјите од Источна Европа. На Русите најтешко им падна технолошкиот развој на платформата и финансирањето, кое во голема мерка требаше да го обезбеди Renault, па на крај работите се одолговлечија.
Повлекувањето на Французите од целата приказна им овозможи на Русите да ги соберат остатоците од полиците на напуштените фабрики на Renault. Не станува збор само за машини, туку за многу повеќе од тоа, па Русите, со одложување, сепак успеаја да ги материјализираат работите што ги најавуваа пред две години.
Рускиот гигант средината на јануари потврди дека не го губел времето, покажувајќи нови прототипи на идните модели на Lada во форма на два кросовери и еден караван. Револуцијата што се очекуваше со децении, конечно ќе дојде пред 2027 година.
Првиот од нив, кој ќе дебитира во 2026 година, ќе биде моделот засега познат како Lada B-Cross, а стилските ресурси и опремата се инспирирани од европските модели.
Сепак, најмногу внимание привлече новата Niva. Рускиот оф-роуд, кој во својата најмодерна итерација го доби името Legend, ќе биде целосно променет, одлучувајќи се за поаглести форми на каросеријата, но со задржување на клучните детали од дизајнот, како што се карактеристичните индикатори на хаубата, па дури и тркалезните фарови.
Некои коментираат дека силуетата е практично копирана од новиот Duster, што го потврдуваат и одредени стилски решенија. Не сме изненадени, бидејќи беше планирано новата Niva да се појави под закрилата на Renault, иако Русите се криви за откажувањето на тој симпатично дизајниран наследник, кој требаше да настане од концептот Vision.
Сега е јасно дека Русите во последните две години самостојно и во голема тајност ги засукаа ракавите, го искористија постоечкиот дизајн, како и сите придобивки од Renault фабриката во Русија. Се спомнува дури и дека работеле на нов бензински мотор од 1.8 литри и 135 КС, кој ќе биде вградуван во Niva, но и во други модели.