Свет

По Брегзит Британците повторно ќе добијат син пасош

24. декември 2017 - 10:06 | К.З.

Британците повторно ќе имаат син пасош по излегувањето на Велика Британија од Европската унија, соопштува владата од Лондон.

Министерот за имиграција Брендон Луис изјави дека враќањето на стариот пасош и начинот на кој Велика Британија преговара за условите за напуштање на Европската унија ќе ги задоволи и оние кои гласаа за излез од Унијата, како и оние кои гласаа за останување во заедницата.

„Напуштањето на Европската унија ни дава единствена прилика да го обновиме нашиот национален идентитет и да отвориме нов пат за нас во светот“, рече Луис за The Guardian.

Тој додаде и дека е воодушевен што британскиот пасош ќе ја врати легендарната сина боја со златни букви по напуштањето на Унијата во 2019 година. Сепак, откако Велика Британија ќе ја напушти ЕУ во март 2019 година, пасошите со бордо боја и понатаму ќе се издаваат.

Британските пасоши со децении имаа темно сини корици, но дизајнот е променет 1988 година. Новите пасоши ќе се издаваат од октомври 2019 година.

Сино-златните пасоши ќе се издаваат од октомври 2019 година, кога почнува договорот за пасоши од 490 милиони долари за британските државјани кои го обновуваат или поднесуваат барање за нов пасош.

Коментирај