Ford на саемот на комерцијални возила во Хановер прикажа концепт за камион-шлепер на струја.
F-Vision е футуристичко теренско возило, чиј концепт е измислен во центарот Ford Otosan во Турција. Ford соопшти дека дизајнот на концептот е инспириран од суперхероите на Marvel.
Американскиот произведувач не објави технички детали, но како што пишува „Motor Authority“ возилото има електричен погон, слично како и камионот-шлепер Tesla Semi од 2017 година.
Покрај тоа, ова теренско возило ќе биде опремено со технологијата автопилот, за на возачите кои возат по автопат на долги релации да им се олесни работата.
F-Vision има изразен аеродинамичен облик за максимално да се намали отпорот на воздухот и да се овозможи што поголема автономија во возењето, помеѓу две дополнувања на батериите.
На добрите аеродинамички карактеристики влијае и отсуството на големите надворешни ретровизори, наместо кои се наоѓаат мали камери, а сликата се емитува на екраните во кабината на возилото.
Вакво решение неодамна можевме да видиме и на продукцискиот камион-шлепер Actros на Mercedes, кој исто така е присутен на овогодинешниот саем во Хановер.