За премиерното издание на првиот продукциски електричен автомобил на Volkswagen, кој е заснован на новата модуларна платформа MEB, треба да издвоите нешто помалку од 30.000 евра.
Честа да биде прв автомобил што го носи редизајнираното лого на германскиот автомобилски гигант му припадна на електричниот модел ID.3 со кој Volkswagen отвора ново поглавје во својата повеќедецениска историја.
Производството на моделот со пет врати (за кој 30.000 купувачи веќе дале аванс) почнува во ноември.
Заснован на новата модуларна платформа, ID.3 со батерија со најголем капацитет (77 kWh) ќе може да помине 550 километри со едно полнење.
Со најмал капацитет на батеријата (45 kWh) што го движи електромоторот сместен назад, ID.3 ќе има досег од 330 километри, а со батерија од 58 kWh автономијата изнесува 420 километри.
Електромоторот развива 204 коњски сили и има максимален вртежен момент од 310 Nm.
Масата на автомобилот изнесува 1.719 килограми, а максималната (електронски ограничена) брзина е 160 км/ч.
Во основниот пакет може да се смета на батерија со среден капацитет, навигациски систем, греење на предните седишта...
На врвот на понудата е ID.3 1ST Max, модел што нуди и камера за помош при паркирање, затемнети стакла, LED светла, врвен аудиосистем, панорамски кров...
Цената на основната верзија во Германија нема да биде повисока од 30.000 евра.