Свет

Почина хакерот кој го откри изворот на Викиликс

17. март 2018 - 11:20 | А.С.

Адријан Ламо, хакерот кој ја откри информацијата што водеше до апсење на Челзи Менинг, почина на 37 години.

Американскиот војник Бредли Менинг, кој во август, 2013 година беше осуден за најголемото изнесување во јавноста на тајни документи во историјата на САД, законски стана Челзи Менинг, откако во 2014 година доби одобрение од американскиот судија да го промени името. Во мај, 2017 Менинг беше ослободена од американскиот воен затвор во Канзас откако одлежа седум години поради тоа што му доставуви стотици илјади дипломатски телеграми и воени документи на Викиликс. Кратко пред напуштањето на функцијата, поранешниот американски претседател Барак Обама го поништи остатокот од 35-годишната затворска казна за 29-годишната Менинг.

Во онлајн комуникација, Менинг му се доверила на Ламо и потврдила дека испраќа доверливи информации до Викиликс.

Потоа Викиликс објави видео на кое американски хеликоптер изведува напад во кој загинаа седум лица, меѓу кои еден новинар на новинската агенција „Ројтерс“.

Веста за смртта на Ламо ја потврди судскиот вештак на Сеџвик Каунти, но уште не е потврдена причината за смртта.

Таткото на Ламо, Марио, на неговиот профил на Фејсбук напиша: „Со длабока тага и скршено срце ги известувам пријателите и познаниците на Адријан дека тој почина. Замина мојот син, еден бистар ум и мила душа.“

Во хакерското портфолио на Ламо имаше неколку големи „акции“, вклучувајќи ги упадите во технолошкиот гигант „Microsoft“ и весникот „New York Times“.

Коментирај