Култура

Почина Кирил Ценевски, режисерот на „Црно семе“

18. јуни 2019 - 8:14 | МИА

Вчера во Скопје на 76-годишна возраст почина еден од најголемите филмски режисери во државата, Кирил Ценевски.

Автор е на познатиот филм „Црно семе“, кој е и негово филмско деби. „Црно семе“ е приот македонски игран филм кој е наградуван на интернационални филмски фестивали, а со него Ценевски ги освојува и најважните награди на фестивалите во поранешна Југославија.

Погребот ќе биде денеска на Градските гробишта во Бутел од 11 часот.

Од Друштвото на филмски работници најавуваат дека во следниот период ќе организираат настан за одбележување на ликот и делото на Ценевски.

Ценевски е роден на 28 јануари 1943 година во Крива Паланка. Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје, а со киноаматеризам почнува да се занимава уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот„Цената на градот“ во 1970 година. Во 1971 година, го режира филмот „Црно семе“

Добитник е на наградата „Златен објектив“ за 2013 која Кинотеката ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија, а истата година е и првиот добитник на наградата Големата ѕвезда на македонскиот филм што ја воспостави Друштвото на филмските работници.

Коментирај