Денеска во Калифорнија, на 46-годишна возраст почина Коко - најпознатата горила на светот. Како што пренесува BBC, Коко знаеше да комуницира со знаковен јазик, распознавајќи и користејќи преку 1.000 различни знаци.
Таа го научи знаковниот јазик од американските инструктори, кои тврдеа дека таа го користи за да ги искаже нејзините мисли и чувства. Нејзините способности ги документираше и психологот Франсин Питерсон, а во текот на нејзиниот живот можеше да се забележи дека Коко разбира по малку и англиски јазик.
Коко сакаше миленици и дури имаше посвоено неколку, вклучувајќи го тука едно маче кое таа го нарекуваше All Ball.
„Коко - горилата позната по нејзината извонредна способност за комуникација со знаковен јазик и првиот амбасадор на загрозените врсти на животни, почина вчера наутро во сон на нејзина 46-годишна возраст“, извести Здружението за заштита на горилите.
Се верува дека Коко имала коефициент на интелигенција помеѓу 75 и 95 и дека разбирала околу 2.000 зборови од англискиот јазик. Просечниот IQ за луѓето на тестовите за интелигенција е 100, додека најголем дел од луѓето забележуваат резултати од 85 до 115.
Таа е родена во зоолошката градина во Сан Франциско а најголемиот дел од нејзиниот живот го помина живеејќи во Здружението за заштита на горили во Калифорнија.