Пионерот на интернетот Реј Томлинсон, кој се смета заслужен за постоењето на електронската пошта, починал на 74-годишна возраст, известија ноќта кон понеделникот агенциите.
Овој американски компјутерски програмер уште во 1971 година дошол на идејата за електронски пораки кои би се испраќале од една мрежа во друга, потсетува BBC. Неговиот изум ја вклучувал и иновативната употреба на симболот @ во адресите за електронската пошта кој во меѓувреме стана стандард.
Реј Томлинсон, најверојатно починал како последица од срцев удар во саботата, пренесува AFP.
Роден е во Амстердам во американската сојузна држава Њујорк, а на почетокот од шеесеттите години од минатиот век се школувал на Rensselaer Polytechnic Institute и на славниот Massachusetts Institute of Technology (MIT).
Првата електронска порака ја испратил додека работел како инженер во истражувачката компанија „Bolt, Beranek and Newman“, која што одигра важна улога во развојот на почетната верзија на Интернетот, таканаречениот Арпанет. Подоцна не можеше да се сети како гласела, истакнувајќи дека била „сосема обична“.
Според текстот објавен во магазинот Forbes од 1998 година, Томлинсон својот изум му го покажал на колегата, предупредувајќи го „Некој никому да му кажеш за ова! Би требало да работиме нешто друго“, наведува Reuters.
Неговите колеги во 2012 година го вклучија во Интернетската куќа на славните.