Филм & ТВ

Почина темпераментниот актер Рип Торн

10. јули 2019 - 8:14 | А.С.

Рип Торн, американски актер со кариера што активно траеше од 50-тите наваму, почина на 89 години, пренесува Guardian.

Неговиот публицист Рик Мирамонтез потврди дека Торн починал во својот дом, опкружен со семејството – сопругата Ејми Рајт и ќерките Кејти Торн и Анжелика Пејџ.

Култниот актер беше познат по исклучителниот талент, но и бурниот темперамент што понекогаш не можеше да го контролира. Ќе остане запаметена сцената од вистинскиот живот кога пред вклучени камери на снимањето на филмот „Maidstone“ го нападна режисерот Норман Мајлер  и го удри со чекан по глава. Режисерот не му остана должен на Торн и му го гризна увото.

За публиката на овие простори Торн е најпрепознатлив по улогата во филмот „Men in Black“ од 1997 година.

Неговата изведба во „Cross Creek“ му донесе номинација за Оскар за најдобар актер во споредна улога. Ќе остане запаметен и по хумористичната серија „The Larry Sanders Show“.

Коментирај