Бизнис

Почна повлекувањето: Sony ја сели европската централа поради Брегзит

23. јануари 2019 - 11:19 | А.С.

Јапонската компанија за електроника Sony ќе ја пресели европската централа од Велика Британија во Холандија за да одбегне проблеми и прекини во работата што ќе се случат со Брегзит.

Компанијата соопшти дека ваквиот потег ќе помогне да се одбегнат проблеми со царина поврзани со излегувањето на Велика Британија од ЕУ.

Иако се сели европската централа, Sony нема да ги премести и вработените и погоните од постојните локации во Велика Британија.

Sony е најновата јапонска компанија што прави ваков потег поради Брегзит.

Велика Британија треба да излезе од ЕУ во март, но двете страни уште немаат постигнато договор.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе, на неговата неодамнешна посета на Британија рече дека е загрижен дека ќе има Брегзит без договор.

Тој рече дека таквиот исход ќе им наштети на јапонските компании кои имаат 150.000 вработени во Велика Британија.

Ривалот на Sony – Panasonic – веќе ја префрли својата централа во Амстердам, пред сѐ поради можните проблеми со даноците што би произлегле од Брегзит.

И двете компании велат дека одлуката нема да има големо влијание врз работните места во Велика Британија.

Неколку јапонски фирми, како MUFG, Nomura Holdings, Daiwa Securities и Sumitomo Mitsui Financial Group, соопштија дека планираат да ги преселат нивните седишта во ЕУ надвор од Лондон.

Коментирај