Фудбал

Почнува Серија А и тоа со 3-4 Македонци

23. август 2019 - 14:40 | Ф.З.

Тројца наши во Пандев, Несторовски и Елмас, како и еден наш ама што игра за Шведска, во новата сезона од калчо лигата која почнува викендов.

Со напреварот на „Енио Тардини“ помеѓу домашната Парма и шампионот Јувентус утре од 18 часот ќе почне новата сезона во Серија А.

Оваа сезона ќе биде уште поинтересна за македонските фанови на калчото бидејќи како никогаш до сега има неколку наши фудбалери.

Оној со најдолг стаж на „Чизмата“, Горан Пандев со Џеноа сезоната ја отвора со тешко гостување кај Рома на „Олимпико“.

Илија Несторовски летово го засили Удинезе и веднаш на стартот ќе мора да удри на Милан кој гостува на „Фриули“.

Вундеркиндот Елиф Елмас со Наполи ќе оди на „Артемио Франки“ кај Франк Рибери и неговата Фиорентина.

Но, во Серија А има уште еден Македонец и тоа голем талент. 19-годишниот Дејан Кулушевски оваа сезона ќе ја мине во Pарма како позајмен од Аталанта. Проблемот е што тој игра за У21 репрезентацијата на Шведска откако во неколку наврати одби повик од Македонија. Пред четири години одигра неколку натпревари за македонската У17 репрезентација, а потоа реши да игра за родната Шведска.

сабота:
18.00: Парма - Јувентус
20.45: Фиорентина - Наполи

недела:
18.00: Удинезе - Милан
20.45: Рома - Џеноа
20.45: Каљари - Бреша
20.45: Сампдорија - Лацио
20.45: СПАЛ - Аталанта
20.45: Торино - Сасуоло
20.45: Верона - Болоња

понеделник:
20.45: Интер - Лече

И во Серија Би има еден Македонец. Летово Никола Јакимовски потпиша за тимот на Трапани чии амбиции се обезбедување опстанок. Утревечер Трапани ја отвора сезоната со гостување на „Чино е Лило Дел Дука“ стадионот во Асколи.

Коментирај