
Шест лица загинаа, а девет се повредени во несреќа со туристичка подморница што утринава потона во Црвеното Море во близина на египетското летувалиште Хургада, јавува BBC, повикувајќи се на локални извори.
Меѓу повредените четири лица се во критична состојба, а 29 патници се спасени и пренесени во блиските болници.
Канцеларијата на локалната власт во Хургада изјави за Reuters дека шест странски државјани загинале во несреќа на подморница во Црвеното Море. Овој податок се совпаѓа со информациите на новинарите на BBC во Египет, кои исто така наведуваат дека шест лица се водат како мртви.
Во исто време, руската амбасада во Египет тврди дека најмалку четири лица загинале и дека сите туристи во подморницата биле руски државјани.
Потонатата подморница Sindbad превезувала 45 патници, меѓу кои и деца, соопшти руската амбасада.
„Денеска околу 10 часот потона подморницата Sindbad, сопственост на истоимениот хотел, на околу 1 километар од брегот. Покрај екипажот, на бродот имало и 45 туристи, меѓу кои и малолетници. Сите се руски државјани“, изјавиле од руската амбасада за NBC.
„Повеќето од луѓето од подморницата се спасени и пренесени во нивните хотели и болници во Хургада. Нивната здравствена состојба не е загрижувачка. Четири лица загинаа, а судбината на неколку туристи сè уште се утврдува“, се вели во соопштението на руската амбасада.
Хургада е популарна туристичка дестинација позната по плажите и коралните гребени.