Фудбал

Погба најави заминување од Манчестер: Мислам дека е време за нов предизвик

16. јуни 2019 - 13:29 | К.З.

Пред само половина година, Жозе Мурињо беше отпуштен од тренерската позиција во Манчестер Јунајтед поради несогласувањата со играчите во тимот, а сега англискиот гигант многу веројатно ќе го загуби и Пол Погба, кој беше една од малкуте светли точки во составот на „црвените ѓаволи“ оваа сезона.

Откако стана светски првак со репрезентацијата на Франција, Пол Погба е предмет на интерес на неколку европски гиганти како Реал Мадрид, Јувентус и ПСЖ, но неговиот клуб успеа да го задржи во Манчестер...барем засега.

„Како што рековте, има многу простор за разговарање и размислување. Ова беа добри три години за мене во Манчестер, имаше добри и лоши моменти, како и секаде на друго место“, им рече Погба на новинарите во Токио.

Сега веќе 26-годишниот Французин го искажуваше неговото незадоволство во текот на сезоната, која беше разочарувачка за Манчестер Јунајтед. Дури ни откако беше отпуштен Жозе Мурињо тимот не успеа да одржи стабилна форма и тоа резултираше во пропуштање на пласман во Топ 4 во Премиер лигата, поради што Јунајтед ќе мора да игра во Лига Европа следната сезона.

„По оваа сезона и сите работи кои се случија во текот на годината, мислам дека е време за нов предизвик. Размислувам на нов предизвик на некое друго место“, додаде Погба.

Пол Погба направи трансфер од Јувентус во Манчестер Јунајтед во 2016 година, а оттогаш постигна 24 гола во 92 настапи и минатата сезона беше дел од Најдобриот тим на Премиер лигата.

Коментирај