Фудбал

Погба: Реал е сонот, но засега сум среќен во Манчестер Јунајтед

21. март 2019 - 17:02 | А.С.

Пол Погба помина еден од најтешките периоди во својата кариера додека на „Олд Трафорд“ владееше Жозе Мурињо, но со доаѓањето на Оле Гунар Солскјер на клупата, Французинот се прероди.

Стивнаа гласините дека сака да си замине од Манчестер Јунајтед, но како и секој друг играч, мора да се соочи со прашањето каде ја гледа својата иднина.

Токму такво прашање доби на прес-конференција со француската репрезентација. Го прашаа за коментар за враќањето на Зинедин Зидан во Реал Мадрид и неговиот можен трансфер во „кралскиот клуб“, а Погба не ги криеше емоциите додека одговараше.

„Отсекогаш сум кажувал дека Реал Мадрид е сонот за секого. Тоа е еден од најголемите клубови на светот, Зидан таму е тренер. Тоа е сонот на секое дете и секој играч“, рече Погба, па веднаш побрза да ги смири фановите на Јунајтед.

“Сега сум среќен во Манчестер. Играм, имаме нов менаџер... засега сум во Манчестер. Подоцна? Не знаеме што носи иднината“, остана таинствен францускиот играч за врска.

ESPN објавија дека нивните извори повеќе пати пријавувале дека агентот на Погба, Мино Раиола, е во постојан контакт со претседателот на Реал, Флорентино Перез и дека во изминативе неколку недели разговарале конкретно за Погба.

Со оглед на тоа дека Лука Модриќ влегува во завршната фаза од кариерата, логично е дека во Реал размислуваат за негова долгорочна замена, а Погба би бил прилично пристојна замена за Хрватот.

Коментирај