Авто новости

Поглед во иднината: Автомобили со надворешни воздушни перничиња

9. јуни 2019 - 12:13 | А.С.

Компанијата ZF демонстрираше како ќе функционираат новите, надворешни воздушни перничиња што ќе ги заштитат и автомобилот и патниците во него во злучај на страничен удар.

Германскиот производител на автомобилски компоненти ZF во почетокот на годината соопшти дека создава безбедносни воздушни перничиња што се надувуваат од надворешната страна на возилото и наводно многу скоро ќе бидат подготвени да се појават на пазарот.

Оваа компанија работеше цела деценија на развој на новиот систем воздушни перничиња што го претстави на симпозиумот Airbag 2018 во Манхајм во ноември.

Сега за прв пат пошироката јавност може да види оваа технологија, демонстрирана на полигон во Меминген, Германија.

Како што објаснуваат од компанијата, страничниот удар е еден од најопасните во сообраќајни несреќи. Само во Германија во ваков вид сообраќајки годишно гинат речиси 700 луѓе, што претставува една третина од вкупниот број на жртви во сообраќајни несреќи во земјата.

Во ZF сметаат дека воведувањето на надворешни странични воздушни перничиња би зачувало многу човечки животи и би помогнало да се ублажат повредите на патниците и возачите. Според нив, овој тип на воздушни перничиња го намалува продирањето на едното возило во другото до 30%.

Прототипот на перничињата се активира за милисекунди пред самиот контакт на двете возила. Системот на ZF се состои од сензори, камери, радари и лидари кои го детектираат доаѓањето на другото возило од страна, додека централната управувачка единица проценува дали судирот е неизбежен или не и врз основа на тоа носи одлука дали да го активира воздушното перниче.

Ова е исто така еден од најголемите предизвици за инженерите – како да се предвиди дали судирот навистина ќе се случи и да се спречи непотребно активирање на перничињата.

Друг голем проблем е како за толку крато време да се надува прилично големо воздушно перниче со капацитет од 280-400 литри, што е околу осум пати поголема количина на воздух во споредба со онаа потребна за активирање на внатрешното перниче пред возачот.

ZF најави дека надворешните воздушни перничиња би можело да почнат да се појавуваат во продукциски модели на автомобили од 2021 година.

Коментирај