Хрватскиот визионер и основач на компанијата Rimac Automobili, Мате Римац, официјално потврди дека е завршена хомологацијата на електричниот хиперавтомобил Rimac Nevera за американскиот и европскиот пазар.

Nevera, вредна 2 милиона евра, изврши 45 креш тестови, при што биле уништени 9 автомобили. Така, целосно беше завршена хомологацијата на Nevera, која стана првиот електричен хиперавтомобил со американска и ЕУ хомологација.
Римац на Facebook објави дека остануваат да се направат уште некои ситни тестови за американскиот пазар, но дека тие не се пресудни. Додаде дека се работи за ситници како тестови кои вклучуваат спречување на вшмукување на прстите низ прозорец и слично.
Мате заклучи дека примероците на Nevera наменети за европските клиенти се подготвени за испорака, а тоа наскоро ќе биде случај и со американските. Производството на новата производна линија е во тек, а Римац вети дека наскоро ќе го покаже јавно.
Додаде дека со нетрпение очекува да ги достави првите примероци од електричниот хиперавтомобил до клиентите ширум светот.