
Неодамна на пазарот на недвижности во Њујорк се појави оглас за уникатен стан чија внатрешност изгледа замрзната од 60-тите години на минатиот век и е целосно покриена со дрво.

Станот замрзнат во времето со локација во населбата Гринич Вилиџ во Долен Менхетен во Њујорк неодамна се најде на пазарот, а просторот со две спални соби и две бањи е на продажба за 1,79 милиони долари.

Покрај тоа што изгледа како да е сè уште во 60-тите, дрвените облоги што стигнуваат до таванот го прават да делува уште попространо. Агентот за недвижнини на Corcoran Group, Фред Каргиан, рече дека овие облоги додаваат повеќе карактер во споредба со новоградба.

„Ѕидните облоги од јавор се убава промена во однос на типичните станови кои наликуваат на бели кутии“, рече Каргиан.

Други уникатни карактеристики на станот вклучуваат подвижни прозорски прекривки за филтрирање на светлина, вграден шанк на влезот и спални соби кои се наоѓаат на крајот што даваат впечаток дека се наоѓаат во одвоено крило.

Станот има и трпезариско катче кое е доволно големо за „да се користи како канцеларија“ - како и централна климатизација и сопствена бања во главната спална соба, се вели во огласот.

Зградата во која се наоѓа овој стан датира од 1967 година - има лифт, вратар кој работи 24 часа, складиште за велосипеди, перална и двор.

