Погледнете ја вулканската активност на Попокатепетл
Еден од најпознатите вулкани во Мексико еруптираше викендов и исфрли облаци чад на околните села.
Попокатепетл еруптираше два пати од завчеравечер и исфрли стотици кратки емисии на гас и чад со слаб интензитет, рекоа вчера мексиканските служби. За разлика од Етна во Италија, Попокатепетл не исфрли лава, на големо олеснување на жителите на околните села.
Службите сепак ги советуваат локалните жители во долината Пуебла, на околу 130 километри источно од Мексико Сити, да ги заштитат храната и водата за пиење од вулканската пепел.
На јасен, ведар ден без смог во Мексико Сити, во далечината може да се видат врвовите на Попокатепетл и на соседниот вулкан Ицтачихуатл. Според ацтечката легенда, Попокатепетл бил згоден воин, а Ицтачихуатл прекрасна принцеза. Како во сите големи љубовни приказни, нивната љубов завршува трагично.