Лоши вести пристигнуваат од Чизмата за македонската фудбалска репрезентација. Соиграчи на Горан Пандев се позитивни, а токму тие играа во неделата против Наполи на Елиф Елмас, па сега и тој мора да се тестира.
Дури 14 од тестираните во Џеноа се позитивни на коронавирусот. Од нив, 11 се фудбалери кои веднаш се ставени во карантин, а само еден има симптоми, додека сите останати се асимптоматски.
Меѓи позитивните за среќа не е нашиот Горан Пандев, како што јавува СпортМедиа. За жал тоа не значи дека Пандев допрва нема да излезе позитивен на наредните тестирања бидејќи можеби периодот на инкубација кај него не е поминат. Така беше со новите 12 позитивни кои на тестирањето во саботата беа негативни, тогаш позитивен тест имаа само Матија Перин и Ласе Шене. Тоа се загрижувачки вести за македонската репрезентација бидејќи за само 9 дена нѐ очекува баражот против Косово.
Додатен проблем е што Џеноа во неделата играше на гости со Наполи, за кој настапи и Елиф Елмас (всушност постигна и гол). Сега алармот е вклучен и кај „Партенопеите“ кои мораат да се проверат да не случајно се заразиле од џеновјаните.
Голем хендикеп за селекторот Игор Ангеловски би било доколку Горан Пандев и Елиф Елмас не можат да настапат против Косово.