Полицијата го истражува синоќешниот инцидент пред седиштето на ГРОМ, каде Сеад Рахиќ извадил нож и им се заканувал на граѓани кои биле собрани пред партискиот штаб. Против него е поднесена пријава.
Според извори од МВР, Рахиќ се очекува да биде повикан на разговор во полициската станица Карпош.
Додека во партиските штабови се чекаа резултатите од вчерашното гласање, вечерта околу 22.00 часот пред штабот на ГРОМ на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ бил паркиран „Mercedes“ со скопски регистарски таблички од кој излегол Рахиќ.
Од полицијата велат дека пред стотина луѓе кои биле насобрани во штабот, С.Р. извадил нож и лисици, по што им упатувал закани на присутните граѓани. Случајот потоа бил пријавен во полициска страница.
Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски синоќа изјави дека животот во Карпош почнал со насилие и дека братот на Есад Рахиќ дошол со нож за физички да се пресмета во партискиот штаб. Тој нагласи дека нема да дозволи новата власт да спроведува насилие и дека не им се плаши.