ЕУ сака да биде меѓу лидерите кога станува збор за „вселенската трка“ и опасностите што демнат во орбитата.
Европската Унија одлучи да изгради сопствен систем за истражување на вселената, и предупредување во случај на опасност или сомнителни настани во орбитата на Земјата, пишува Deutsche Welle.
„Сопствено“ значи дека ЕУ, кога станува збор за опасностите во вселената, повеќе не сака да зависи од технологијата, арсеналот и расположението на САД.
Затоа Европската комисија, според германскиот таблоид Bild, се обратила пред сѐ на концернот ArianneGroup и германската компанија за вселенска технологија OHB од Бремен. Секој од нив ќе биде столбот на работата на една од двете компоненти, односно едно од двете „очи“ за набљудување на универзумот.
Тоа ќе бидат „Окото на Саурон“ и „Одиновото око“. Саурон е познат како мрачен владетел од трилогијата „Господар на прстените“, чиј „заштитен знак“ е огненото око. Компанијата ArianneGroup, која произведува ракети и сателити, сега треба да изгради систем на сензори за напредна употреба и набљудување на состојбата во вселената - односно, на англиски, „Sensors of Advanced Usage and Reconnaissance of Outerspace situation“ или SAURON.
Шефот на ArianneGroup за Германија, Пјер Годар, за Bild изјави дека сака да им обезбеди на своите клиенти „целосна мапа на просторот: Што лета таму, каде, во која орбита и како се движат овие летечки објекти? Важно е да се знае дали овие летечки објекти се пријателски расположени или не. На пример, дали се тие делови од вселенски отпад?“
Овие сензори треба да функционираат користејќи вештачка интелигенција, напредни алгоритми и ласерски зраци, и треба да бидат способни да препознаат и најмали предмети.
„Одиновото око“ (Один е нордискиот бог на војната) ќе биде систем за рана идентификација на балистички тела и летечки објекти кои се движат со „хиперсонична брзина“. На пример, нуклеарни ракети од Русија или Кина.
Станува збор за систем од девет телескопи лоцирани на повеќе континенти, „мрежни“ за да можат да го „скенираат целото небо“, како што рече Пјер Годар.
„Вселената е“, рече тој, „критична инфраструктура“ и „затоа сега е важно да се набљудува орбитата на Земјата, на пример, за да се избегнат судири на сателити. Тоа е еден вид следење на сообраќајот за да се заштитат европските сателити“.
Окото на Саурон и Окото на Один даваат информации - не се работи за борбени системи. Самиот чин на одбрана од евентуални балистички проектили на тој начин ќе остане прашање на одделни земји на ЕУ, заклучува Bild.