Живот

Полошо и од смртта: Како изгледа затворот во кој ќе престојува Ел Чапо?

17. јули 2019 - 13:57 | Б.С.Б.

Наскоро ќе биде изречена пресудата за еден од најмоќните наркобосови, 62-годишниот Хоакин Гузман познат како Ел Чапо. Рочиштето според многумина е формалност. Тој веќе е прогласен за виновен за шверц на стотици тони кокаин, хероин, метамфетамини и марихуана во САД.

Обвинувањата, во кои се вклучени перење пари како и криминални дела поврзани со оружје, подразбираат казна за доживотен затвор. Минатата недела обвинителите побараа од американскиот сојузен судија Брајан Коган дополнителни 30 години затвор поради употреба на огнено оружје. Исто така, треба да предаде 12,7 милијарди американски долари, многу скромна процена на приход што неговиот картел го има добиено од продажба на наркотици во САД. Засега, властите во САД не успеаја ништо да вратат.

Ел Чапо се смета за најмоќен наркобос, картелот Синалоа го водеше со Исмаел Замбада наречен Ел Мајо од 1989 година до 2014 година. Во текот на тримесечното судење поротниците слушнаа сведочења за неговите злосторства, од тоа како претепувал, убивал и живи ги закопувал оние кои ќе му се нашле на патот. Кариерата ја започнал работејќи на полиња од марихуана, но сега изгледа дека остатокот од животот ќе го мине во затвор со најстроги мерки на безбедност во Колорадо.

Затворот ADX Florence е најбезбедниот затвор со максимална безбедност во САД, изграден за најлошите од најлошите во затворскиот систем, вклучувајќи ги најнасилните затвореници и осудени терористи. Повеќе од 400 затвореници, колку што има во него, минуваат и до 23 часа целосно само во бетонски, звучно изолирани ќелии.

Поранешниот управител на затворот за CNN вели дека престојувањето во овој затвор е полошо од смртта.

Коментирај