Регион

Поминаа низ Северна Македонија, ги ограбија во Србија: Двојка што вози за хуманитарни цели остана без својот тандем велосипед

11. јули 2019 - 10:49 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Двајца велосипедисти и хуманитарци кои поминаа 2.000 километри на тандем велосипед за да го свртат внимането на јавноста и да соберат помош за најзагрозените луѓе во Ирак, раселените Ирачани и сириските бегалци кои патат од сериозни заболувања, се соочија со голем проблем откако нивното превозно средство им беше украдено.

Двојката што пред да стигне во Србија ја посети и Северна Македонија, во објави на социјалните мрежи соопшти дека тандем велосипедот бил украден во Белград.

„Украден ни е велосипедот. Тоа се случи во Белград. Спиевме во мотелот, а велосипедот беше заклучен надвор. Мислевме дека тоа е доволна мерка на безбедност, но некој го скинал синџирот во текот на ноќта и го украл велосипедот. Проблемот е пријавен во полиција, но уште не сме сигурни колку навистина можат да ни помогнат. Всушност, мислиме дека велосипедот е засекогаш изгубен“, напишаа тие на нивната Facebook страница Cyclingforiraq.

Тие додаваат дека ова не значи дека нивното патување е завршено. Напротив, велат дека ова само ги приближува до луѓето за кои возеа повеќе од 2.000 километри.

„Заглавени сме во странска земја чиј јазик не го разбираме и не го говориме. Сепак, не се откажуваме и бараме начини да го лоцираме нашиот велосипед и да продолжиме со патувањето“, велат тие.

Тандем велосипедот е украден во Богословија и двајцата апелираат до граѓаните на Белград да споделат каква било информација за полесно наоѓање на нивното превозно средство.

„Не ни е важно кој го украл, само сакаме да продолжиме со патувањето“, напишаа тие.

За нивната авантура низ Северна Македонија имаат три објави на нивниот профил на Facebook.

На 38-миот ден од нивното патување, на 28 јуни, во нивниот онлајн дневник забележале:

„Возиме под сенка по пат покрај убавите шуми на Северна Македонија. За да се одмориме, застанавме кај овие интересни рачно изработени џиновски столици. И ние се чувствуваме мали во споредба со комплексната тема на нашето патување и истражуваме попатно.“

 

Коментирај