Кошарка

Попович го пофали Јокиќ: Висок дебелко кој сите ги прави среќни

4. април 2019 - 13:58 | К.З.

Тренерот на Сан Антонио Спарс многу ретко има пофални зборови за некого, а најмалку за противничките играчи. Синоќа Попович беше во поинакво светло – најпрво заработи исклучување, а веднаш по натпреварот реши да сподели неколку охрабрувачки зборови за Никола Јокиќ, српскиот центар во дресот на Денвер Нагетс.

На Јокиќ му фалеше малку за да дојде до трипл-дабл учинок – тој го заврши мечот со 20 поени, 11 скока и 9 асистенции, но сигурно повеќе ќе го израдува она што Попович го кажа за него.

„Тој знае како да ми измами насмевка. Се забавува на теренот иако изгледа како да не припаѓа таму. Тој личи на висок дебелко – нема вистински дефинирани мускули, не е атлета, не трча спринтови... Смее да го прави тоа бидејќи е многу интелигентен, вешт и целосно несебичен. Кога ќе ги соберете сите овие работи, тој е фантастичен играч. А покрај тоа, неговите додавања често ги наоѓаат соиграчите на теренот и со тоа сите ги прави среќни“, изјави Попович по натпреварот.

Ова не е прв случај во кој Грег Попович зборува пофално за српскиот центар. Тој и Никола Јокиќ имаат многу добар однос, а Попович има и високо ниво на почит за тренерот на Денвер Нагетс, Мајк Малоун.

Коментирај