Вселенското летало Starliner на Boeing требаше да ја изврши својата прва мисија со екипаж и патување до Меѓународната вселенска станица (МВС) на 21 јули, но техничките проблеми го попречија тој план.
Boeing, заедно со американската вселенска агенција НАСА, објавија дека ја одложуваат мисијата Crew Flight Test поради два нови технички проблеми со вселенското летало CST-100 Starliner, кои ги забележале инженерите.
Првиот проблем е поврзан со падобранскиот систем на авионот. Boeing ја дизајнираше капсулата Starliner за да се спушти назад на Земјата користејќи три падобрани. The New York Times наведува дека е откриено дека делови од линиите што го поврзуваат системот со капсулата немаат способност да го толерираат товарот на леталото во случај да бидат распоредени два од трите падобрани. Со оглед на фактот дека капсулата ќе содржи екипаж кој ќе треба да се врати на Земјата, компанијата мора да го провери секој аспект на леталото за да биде што побезбедно. Boeing очекува уште едно тестирање со падобран пред да го одреди датумот за обид за лансирање.
Покрај падобранот, Boeing ја преиспитува употребата на одредена селотејп лента за обвиткување на жиците. Очигледно, лентата би можела да биде запалива, па инженерите сакаат да користат различен тип за деловите од вселенското летало што се изложени на најголем ризик од пожар.
Crew Flight Test е последниот чекор што компанијата мора да го помине пред да започне редовно да испраќа астронаути до МВС. НАСА го избра Boeing како еден од своите комерцијални партнери заедно со SpaceX, а Starliner направи неколку тест летови без екипаж во минатото и заостанува зад својот ривал. Како што е познато, SpaceX веќе заврши десет летови со екипаж, а првиот уште во 2020 година. Освен што испрати астронаути на МВС и ги врати дома, SpaceX испрати и цивили во вселената.
И покрај тешкотиите, НАСА и Boeing остануваат оптимисти за иднината на Starliner.