Логото на социјалната мрежа Twitter, која сега е позната како X, е продадено на аукција за 34.375 долари.

Станува збор за лого во форма на птица што некогаш ја красеше зградата на седиштето на Twitter во Сан Франциско. Откако Илон Маск ја купи социјалната мрежа и ја преименува во X, познатото лого беше отстрането.
Покрај тоа што ќе плати 34.375 долари за големото лого со димензии 368,3 x 266,7 cm и тешко 254 килограми, купувачот ќе треба да плати и за транспортните трошоци од магацинот во Сан Франциско.
Кога Маск го купи Twitter во 2022 година, знакот беше отстранет од седиштето на компанијата со помош на кран. Каде всушност ќе заврши логото познато како Larry засега е непознато.
Повеќето содржини од поранешните канцеларии на Twitter се продадени на аукција. Малку помалите верзии на логото привлекоа големо внимание, а една статуа која го красеше таванот во канцеларијата беше продадена за 100.000 долари.
Зградата и уште едно големо лого се продадени за необјавена цена.