Еден од адвокатите на Доналд Трамп потврди дека порно актерката која рече дека имала афера со американскиот претседател добила 130.000 долари.
Адвокатот Мајкл Коен изјави за New York Times дека Стефани Клифорд, попозната како Сторми Дениелс, добила пари лично од него во месеците пред почетокот на претседателската кампања.
„Ниту организацијата на Трамп, ниту неговата кампања немаа учество во оваа парична трансакција. Уплатата беше законска и парите не беа одвоени од буџетот на кампањата“, рече Мајкл Коен за New York Times.
Да потсетиме, Wall Street Journal во јануари известуваше дека на порно актерката ѝ биле уплатени пари на нејзината сметка, наводно за да се „купи“ нејзиното молчење за аферата. Ниту Сторми, ниту Трамп не ја признаа аферата, а Коен тогаш негираше дека била извршена уплата на пари на сметка на актерката.
Во 2011 година Сторми Дениелс изјави дека спиела со Доналд Трамп во 2006 година, но интервјуто беше објавено неодамна.
Wall Street Journal тврдеше дека направиле детална истрага на случајот и откриле дека адвокатот Мајкл Коен отворил посебна фирма, за да може полесно да ја сокрие трансакцијата, притоа користејќи лажни имиња на учесниците во истата. Коен никогаш не даде коментар на овие обвиненија.
Адвокатот во вторникот го извести Федералниот изборен комитет дека парите ги уплатил сам, откако беше пријавен од организацијата Common Cause за тоа дека ги злоупотребил парите за време на претседателската кампања бидејќи без разлика на нивниот извор, тие може да се сметаат како средство за зголемување на шансите за победа на изборите.