Цели 53 години по расформирањето, славниот британски бенд „The Beatles“ се враќа во ноември со песна снимена со помош на вештачка интелигенција, која го извлече вокалот на Џон Ленон од стара снимка и на тој начин практично повторно ја обедини легендарната четворка.

Употребата на вештачка интелигенција овозможи миксирање песна преземена од демо-снимка на Џон Ленон. Во оригиналното демо беа додадени снимките на електрична и акустична гитара од Џорџ Харисон од 1995 година, пред неговата смрт во 2001 година. Песната беше завршена минатата година во студио во Лос Анџелес со мешање на тапаните на Ринго Стар, пијаното и басот на Пол Макартни.
Двајцата преживеани членови на бендот, Пол Макартни и Ринго Стар, во четвртокот најавија дека новата нумера „Now and Then“ (Сега и тогаш) ќе биде објавена на 2 ноември.
Песната е создадена врз основа на демо-снимка што Ленон ја направил во својот стан во Њујорк. Четиринаесет години по убиството на Ленон (1980), неговата сопруга Јоко Оно им подари на другите членови на бендот снимка на вокал и пијано.

Подоцна тие ја обработија, но никогаш не можеа да ја објават бидејќи досегашната технологија не дозволуваше гласот на Џон Ленон да се истакне со задоволителен квалитет. Ова сега е возможно, а беше поттикнато од документарната серија „Get Back“ во режија на Питер Џексон (2021).
Режисерот на трилогијата „The Lord of the Rings“ користел нова технологија за да го извлече гласот на Ленон од аудиолентата и да го одвои од пијаното.