Свет

Последните моменти во пештерата во Тајланд: За малку ќе имаше трагедија

12. јули 2018 - 9:47 | М.Д.

Акцијата за спасување на 12 деца и нивниот тренер за малку ќе завршеше трагично, открија спасувачите за „Guardian“, истакнувајќи дека пумпите за вода, неколку часа по извлекувањето на последното момче, наеднаш престанале да работат.

Спасувачите во тој момент биле оддалечени на повеќе од 1,5 километри од излезот на пештерата, кога главната пумпа прекинала да работи. Поради тоа, во пештерата нагло се зголемило нивото на вода.

Тројца австралиски спасувачи, кои се наоѓаа во тој момент во пештерата, велат дека слушнале врескање и здогледале бакли длабоко во пештерата, односно работници како се обидуваат да дојдат до сувиот дел.

„Врескањето почна, бидејќи нивото на вода нагло започна да расте“, изјавија тие за британските медиуми, додавајќи дека тогаш во пештерата се наоѓале повеќе од 100 спасувачи и работници.

За среќа, тие успеаја на време да побегнат од пештерата, па така спречен е трагичен крај.

Спасените деца просечно загубија околу 2 килограми, но генерално се во добра состојба

За нешто повеќе од две недели, колку што поминаа во поплавената пештера Там Луанг, децата од Тајланд и нивниот фудбалски тренер, во просек загубија околу 2 килограми, но нивното општо здравје е добро и не покажуваат знаци на стрес, изјави вчера тамошниот претставник на министерството за здравје.

Во Тајланд, откако беа извлечени сите деца и нивниот тренер од пештерата, луѓето реагираа со олеснување, благодарност и воодушевување. Сите деца и тренерот со хеликоптер се префрлени во болница, каде им е пружена здравствена помош.

„Според нашето мислење, тие се во добра состојба и не се наоѓаат под стрес. За време на престојот во пештерата, просечно загубија околу 2 килограми“, изјави претставникот на тајландското министерство за здравство.

На родителите на четирите деца, кои во неделата беа први извлечени од пештерата, им беше дозволено да ги посетат, но мораа да облечат специјални одела и да се оддалечат од нив на околу два метри.

Коментирај