Вселенското летало Starliner на Boeing ја заврши својата, сега можеме да кажеме неуспешна, мисија на Меѓународната вселенска станица и денеска се врати на Земјата.
Леталото се врати на Земјата без астронаутите на НАСА, кои ќе останат на МВС до февруари, кога ќе се вратат со помош на капсула од ривалската компанија SpaceX.
„Празното вселенско летало влезе во атмосферата на Земјата во автономен режим околу 5 часот наутро со орбитална брзина од приближно 27.400 км/ч. Околу 45 минути подоцна беа распоредени серија падобрани за да го забават спуштањето“, пишува Guardian.
После тоа, леталото слета во пустината во Ново Мексико.
Иако астронаутите на НАСА, Суни Вилијамс и Буч Вилмор, одлетаа со Starliner до МВС, нивното враќање, кое беше планирано за јуни, не можеше да се реализира поради низа дефекти пријавени на Starliner.
Така, астронаутите останаа „заглавени“ на МВС подолго од очекуваното, а НАСА по низа состаноци донесе одлука тие да се вратат на Земјата во февруари со помош на капсулата SpaceX Dragon.
Од јуни, НАСА забележа голем број проблеми на Starliner, вклучително и истекување на хелиум, а астронаутите пријавија необјаснети звуци во леталото.
„Ќе ве оставам да размислите за ова и да се обидете да откриете за што се работи. Јавете ни се ако откриете“, порача тогаш еден од астронаутите.
Кога станува збор за одлуката за враќање на астронаутите со капсулата SpaceX, НАСА нагласи дека оваа одлука е донесена пред сѐ поради нивната безбедност.
„Вселенските летови се ризични, дури и кога се најбезбедни и се чини дека се рутински. Пробниот лет, по својата природа, не е ниту безбеден ниту рутински. Одлуката да се задржат Буч и Суни на Меѓународната вселенска станица и да се врати Starliner на Boeing без екипаж е резултат на нашата посветеност и безбедност, благодарен сум на сите тимови за нивната неверојатна работа“, изјави службеникот на НАСА, Бил Нелсон.