Бизнис

Потпишан договорот меѓу Русија и Македонија за гасоводот Јужен поток

6. јули 2013 - 9:26 | Макфакс

Владата на Руската федерација објави дека е потпишан договор со владата на Република Македонија за соработка во изградбата на крак од гасоводот „Јужен поток" за снабдување на гас во земјата.

Според договорот, во случај да се потврди студијата за целисходноста на градењето врз основа на анализата, рускиот енергетски гигант во државна сопственост „Газпром" АД и македонската компанија „Македонски енергетски ресурси" АД ќе формираат заедничка компанија за реализација на проектот за кракот на гасоводот со подеднаква распределба на акциите, односно по 50 отсто. Во компанијата ќе може да се привлекуваат и нови акционери со натамошно прераспределба на акциите.

Трасата на кракот на гасоводот кој ќе минува низ Македонија и неговиот капацитет ќе бидат договорени од страна на основачите по добивањето на резултатите од аналзата.

Конкретните износи, условите и роковите за снабдувањето со природен гас на Македонија ќе се утврдат во договорите меѓу „Газпром" и „Македонски енергетски ресурси". Права, пак, за користење на сите објекти на гасоводот му припаѓаат на „Газпром".

Договорот, исто така, ја утврдува обврската на македонската страна да не воведува никакви ограничувања за руските инвестиции во Македонија, спроведени во рамките на договорот, како и да обезбеди на компанијата царински и даночни повластици.

„Страните ќе им дадат поддршка на основачите и компанијата при добивањето на сите неопходни дозволи поврзани со проектот за кракот на гасоводот, како и за набавки на неопходната опрема и машини, за извршување на градежните работи и други услуги за потребите на проектот", се вели во соопштението на владата на Руската Федерација.

Коментирај