Свет

Повеќе од 95% од светската популација диши загаден воздух

17. април 2018 - 13:01 | К.З.

Огромен дел од светската популација диши нечист, загаден воздух, а најголемиот товар паѓа на сиромашните заедници. Разликата помеѓу најмалку загадените и најмногу загадените земји се зголемува од ден на ден, вели деталното истражување направено на глобално ниво.

Населението во градовите постојано се зголемува, изложувајќи милиони луѓе на нечист воздух, посебно во земјите во развој. Но, тоа не значи дека руралните краишта се поштедени од загаден воздух. Баш напротив, таму загадувањето може да биде и поголемо поради тоа што во руралните подрачја е голема опасноста и воздухот во домот да е загаден, бидејќи таму најчесто се стационирани фабрики и топилници кои се погубни за воздухот. Еден од тројца луѓе се соочува со загаден воздух и внатре во домот и надвор.

Новото истражување користеше податоци собрани со помош на сателит за да ја открие точната бројка на луѓе кои се жртви на загаден воздух. Утврдено беше дека загадениот воздух е четвртата најчеста причина за смрт на глобално ниво. Експертите проценуваат дека воздушното загадување придонело кон 6 милиони смртни случаи минатата година, влијаејќи на тој начин што го зголемува ризикот од срцев удар, рак на белите дробови и хронични болести на белите дробови. Кина и Индија придонесоа кон повеќе од пола од оваа бројка.

Горењето на тврди горива во домот изложи повеќе од 2,6 милиони луѓе на домашно воздушно загадување, а луѓето од сиромашните заедници најчесто горат јаглен или други тврди горива за готвење и загревање на домот. Ова придонесува и кон загадување на воздухот на околината, што значи дека штетата е двојно поголема.

„Воздушното загадување е во голема мера причинето од економската состојба на земјата. Најмногу загадените земји се 11 пати позагадени од најмалку загадените, што е загрижувачки факт ако се земе предвид дека во 1990 година овие земји беа само 6 пати позагадени“, рече Боб О’киф, потпретседател на Институтот за здравствени ефекти.

Но, тоа не значи дека богатите земји немаат проблем со загадување на воздухот. Издувните гасови од автомобилите се главен причинител на загадувањето во богатите земји, а дизел моторите се наоѓаат на првото место по емисиите на штетни гасови.

Сепак, побогатите земји и заедници можат полесно да се справат и да го намалат загадувањето со самото тоа што ја имаат можноста да инвестираат во филтри, системи за прочистување и електрични возила.

Коментирај