Министерството за одбрана на Ерменија соопшти дека азербејџанските сили ги продолжиле борбите во Нагорно-Карабах.
„Азербејџанските сили ги продолжија борбените дејствија во правец кон населбите Стари Таглар и Хцеберд на 12 декември“, се вели во соопштението.
Се додава дека војската на Нагорно-Карабах ги презема сите неопходни чекори во врска со ова.
Засега не е познато дали има жртви во борбите.
Азербејџанската страна досега не даде коментар по ова прашање.
Како што потсетуваат руските медиуми, овие две места во Нагорно-Карабах се енклави и единствените кои не се под контрола на азербејџанската армија.
Азербејџан и Ерменија, со посредство на Русија, постигнаа примирје на 10 ноември, а потоа сите борбени операции беа целосно запрени.
Во согласност со мировниот договор потпишан во Москва, покрај примирјето, беше договорена и размена на затвореници.