Регион

Познатата плажа на Закинтос затворена за туристи по одронот на камења

14. септември 2018 - 13:05 | М.Д.

Крајбрежната стража на Закинтос, денеска соопшти дека популарната плажа Навагио на овој остров, ќе биде официјално затворена за јавноста од денеска.

Тие пренесуваат дека на сите видови на пловни објекти, им е забрането да и приоѓаат на оваа плажа.

Одлуката е донесена, откако вчера седум лица заработија повреди поради одрон на камења од карпа на оваа плажа.

Помеѓу повредените е и 34-годишна жена од Чешка, која се здоби со повреди на ‘рбетот, како и нејзиниот сопруг и двете деца, кои се хоспитализирани со полесни повреди.

Останатите тројца повредени се пуштени од болницата.

Локалните медиуми пренесуваат изјави на очевидци, кои тврдат дека голема карпа паднала во морето и создала голем бран, кој ги потопил малите бродови.

Според зборовите на сопственикот на приватни бродови, за време на одронот на тоа подрачје се наоѓале три бродови со патници.

„Слушнавме звук и мал дел од карпата падна во морето, потоа падна и другиот дел, а на крајот и третиот голем дел, кој предизвика бранови и ги преврте бродовите“, вели неименуван сведок за тамошните медиуми.

Коментирај