Мобилни

Познати нови детали за Google Pixel 3а и 3а XL

3. мај 2019 - 15:37 | К.З.

И покрај тоа што Google со сите сили се обидуваше да ги зачува во тајност информациите за новиот смартфон Pixel 3a, тие сепак „протекоа“ на интернет. Непосредно пред премиерата на овој уред, веќе ги знаеме скоро сите детали за него.

Веб-страницата Droid Life дојде до фотографии и навистина корисни детали за новите уреди од серијата Pixel. Google Pixel 3a и 3a XL повеќе не се мистерија.

Основниот модел Pixel 3a ќе има екран од 5,6 инчи со резолуција од 2.160 х 1.080, додека нешто поголемиот 6-инчен екран ќе пристигне со моделот Pixel 3a XL и ќе има резолуција од 2.220 х 1.080.

За идните купувачи се резервирани и 4GB RAM и 64GB внатрешна меморија кај двата уреди. Google реши да не инвестира премногу во камерата, па затоа уредите ќе имаат скромни камери од 12 мегапиксели на задната и 8 мегапиксели на предната страна. Меѓу протечените информации нема податоци околу тоа дали телефоните ќе имаат вграден Qualcomm Snapdragon 670 или 710 процесор.

Новите Google телефони ќе имаат Night Shift технологија за фотографирање, која се наоѓа и кај напредниот Pixel 3. Двата нови уреди ќе имаат батерии од 3.000, односно 3.700 mAh. Она што е сигурно е дека уредите ќе бидат достапни во црна и бела боја, но и во бледо виолетова варијанта.

Според информациите кои ги имаме досега, моделот Pixel 3a ќе чини 399 долари, а поголемиот Pixel 3a XL ќе чини 475 долари.

Коментирај