Во последните неколку дена се појавија рендери од претстојните смартфони од серијата Galaxy S на Samsung. Прво на социјалните мрежи се проширија рендери базирани на CAD кои го откриваат изгледот на Galaxy S25 Ultra, а сега им се приклучија и рендери на Galaxy S25.
Galaxy S25 треба да биде малку помал од неговиот претходник со димензии од 146,9 x 70,4 x 7,2 во споредба со димензиите на неговиот претходник од 147 x 70,6 x 7,6 мм.
Овој модел по дизајн ќе биде прилично сличен со моделот S24, но ќе има помали рамки и прстени на камерата на задната страна. Рамните страни ќе бидат задржани, барем додека Apple не одлучи да воведе нов стил на рамка, по што секој производител на паметни телефони со Android ќе го следи примерот.
Galaxy S25 ќе се напојува со процесор Exynos 2500 или Snapdragon 8 Gen 4, а во медиумите кружат контрадикторни извештаи. Исто така, познато е дека процесорот ќе биде поврзан со 12 GB RAM, но опциите за внатрешна меморија започнуваат со 128 GB како и досега. Капацитетот на батеријата исто така останува непроменет и ќе биде 4.000 mA⋅h.
Официјалното претставување на семејството уреди Galaxy S25 треба да се случи на 13 јануари.