Книги

Предлог книга: „Бездомникот со златен часовник“ - Верче Карафилоска

10. јуни 2015 - 14:01 | Билјана Стефановска-Богоеска

Младата македонска писателка Верче Карафилоска е родена во 1994 година и е студент на Економскиот факултет во Скопје. Во 2013 година со расказот „Мукавени ѕвезди“, во конкуренција од 335 раскази, го освоила првото место на анонимен конкурс за краток расказ на весникот Нова Македонија. Една година подоцна за расказот „Коси од розова волница“ ја добила наградата за краток расказ Живко Чинго. Во 2015 година е дел од проектот на ЕВН - Раскази.мк, каде неколку нејзини раскази се дел од втората истоимена збирка.

„Бездомникот со златен часовник“, објавен во 2015 година во издание на Матица, е нејзин прв роман. Станува збор за современ роман со трилер елементи, чие дејство се одвива во Скопје, во 2027 година. Главниот лик е Коста, бездомник кој по смртта на татко си живее сам. Последен спомен од неговиот татко е стариот часовник чии стрелки престанале да отчукуваат заедно со неговиот живот.

Нарацијата во романот се одвива во прво лице, а богатиот стил на раскажување ќе ве натера да се запрашате дали и вие, несвесно, сте станале дел од еден лажен свет на вредности, отуѓени од луѓето околу вас.

Коста се бори да преживее во кризниот период што се случува во Скопје, кога луѓето преку ноќ стануваат бездомници. Секој ден е нова борба за него, а животот ќе му се промени по случајна средба со еден богат човек.

Бизнисменот Валентин ќе му подаде рака за да го извлече од бедата на улица. Коста во него нема да гледа татко, но ќе види искра надеж за подобра иднина. Стариот часовник од татко му ќе биде заменет со нов, златен часовник, подарок од Валентин.

Откако ќе ја прифати подадената рака понатаму нема да биде сам. Во домот на богатиот човек ќе запознае неколку луѓе од кои ќе научи многу важни лекции за животот. Но, дали среќата може да се купи со пари? Што ќе жртвува Коста за да ја постигне својата цел?

Златниот часовник на раката нема да му дозволи да заборави кој навистина е тој. Отпрвин ќе се враќа на улица, кај бездомниците, но подоцна, кога ќе почне да го живее својот сон, ќе се промени. А, воопшто не е тешко човек да се промени во општество полно со лажни вредности, со што Карафилоска вешто го поставила акцентот на важноста на пријателството, љубовта и одговорноста во градењето на нов живот. Колку повеќе Коста ќе се труди да го заборави минатото, толку повеќе ќе биде опседнат од него.

Со помош на подучувачи ќе се обиде да стане дел од светот на бизнисмените и богатите луѓе. Неговото глумење ќе продложи и во односот со другите ликови како Дена, неговата неостварена мечта, и Катја, тажната жена на Валентин. Коста отпрвин ќе го гледа невидливото со своите очи, но подоцна и самиот тој ќе стане дел од шемата на богатите луѓе.

Книгата е богата со емоции кои го поврзуваат читателот со ликовите и нивните размислувања, со што од друга страна е постигнат посакуваниот ефект на секој писател. Внатрешната борба на Коста, неговата неизвесност за иднината и психолошкото портретирање на неговиот лик се доминантни елементи во овој роман во кој многумина од нас, во одреден период од животот, би можеле да се препознаат.

Авторката одлично ја портретира осаменоста кај современиот човек како последица на егоцентричноста, истовремено доловувајќи ја потребата на луѓето за постојана блискост и отворање на патот за лична трансформација.

Особено вреди да се истакне храброста за пишување на роман во кој доминира потрагата за идентитетот, како и максималната искреност, која е клучен елемент за успехот на овој роман.

Погледнете го трејлерот за книгата:

Loading the player...

 

Коментирај