Книги

Предлог трилери за читање ова лето

16. јуни 2016 - 19:55 | Б.С.Б.

Ако сакате возбудливи четива исполнети со исчекувања, изненадувања и тензии тогаш за вас идеални за читање се трилер романите. Без разлика дали станува збор за психолошки трилер, криминален или мистериозен трилер, возбудата што ја носи овој жанр остава личен впечаток кај читателите и го буди детективот во нас.

Vogue направи интересна листа на возбудливи трилери.

1. „The Truth about Julia“ – Ана Шафнер

Во јуни, 2014 година Џулија Вајт, убава и млада жена, ќе подметне бомба во кафуле во централен Лондон, убивајќи 24 луѓе. Таа ќе се предаде на полицијата, одбивајќи да ги каже причините зошто го сторила тоа.

Клер Харденбер е новинар истражувач, која има за задача да ја напише приказната за Џулија. Тоа што ќе дознае ќе биде голем шок.

2. „The Missing Hours“ – Ема Кавано

Пред да започне со пишување Ема Кавано работела како полициски психолог. Нејзиниот деби роман „Falling“ беше голем хит. Истото важи и за романот „The Missing Hours“. Во еден момент Селена Кол е на игралиште со нејзините дечиња, а потоа за миг исчезнува без трага. Дваесет часа подоцна Селена е пронајдена, но таа не се сеќава каде била и што се случувало со неа во тие часови. Дали нејзиното исчезнување е поврзано со убиството во нејзина непосредна близина?

3. „Sunset City“ – Мелиса Гинсбург

Ова е прв роман на авторката, објавен во април 2016 година, а веќе привлекува големо внимание. Се работи за жена која дознава дека нејзината блиска пријателка е убиена, а таа ќе дознае страшни работи за неа. Даниела Ривс и Шарлот Форд се блиски пријателки, неразделни. Но, Даниела завршува во затвор, а кога ќе излезе повторно го обновува пријателството со Шарлот. Еден ден во станот на Шарлот ќе се појави полицаец кој ќе ѝ соопшти дека Даниела е убиена. Шарлот е решена да ја дознае вистината и влегува во мрачниот свет во кој била вплеткана Даниела.

4. „The Loving Husband“ – Кристобел Кент

Кога Френ Хал ќе се разбуди среде ноќ и ќе види дека сопругот Нејтан го нема, за неа започнува ново поглавје во животот во кое ќе открие дека нејзиниот брак воопшто не е таков како што го доживувала. Таа и нејзините две деца остануваат изолирани откако полицијата почнува истрага во која осомничена за исчезнувањето е токму Френ.

5. „Dear Amy“ – Хелен Калаган

Маргот Луис пишува совети во колумна во локален весник. И додека дели мудри совети за другите, нејзиниот личен живот е катастрофален, дознава дека сопругот ја изневерува со колешка. Еден ден, добива писмо од Бетани Ејвери, која е киднапирана и бара помош од неа.

Бетани со години е исчезната, а писмото е веројатно лажно. Но, како што пристигнуваат и други писма, во нив има информации за кои јавноста не знае. Како е тоа можно?

Коментирај