Книги

Предлог за читање: „Колекционер“ од Драган Таневски

11. август 2016 - 18:14 | Билјана Стефановска-Богоеска

Писателот Драган Таневски веќе неколку години ѝ е познат на македонската читателска публика преку социјалната мрежа Facebook, на која со години објавува раскази, статуси и цитати. Има објавено 5 книги и е добитник на неколку книжевни признанија. За себе вели дека е роден како Хомо Сапиенс, за среќа од човечки родители. Завршил неколку школи: нижо алтруистичко, средно бонвиванско. Дипломирал на факултетот по Авантуризам, а магистрирал Имагинација и Фантазија. Доктор е по Филантропија.

„Колекционер“ е негова четврта книга, станува збор за збирка со раскази и мисли на авторот инспирирани од секојдневни животни теми, во кои лесно може да се пронајде секој од нас. Во нив доминира оптимизмот, проткаени се со мудрост и искреност и секој од нив пренесува посебна порака. Ако авторот метафорично е колекционер на луѓе, тогаш лесно може да се претпостави дека расказите во книгата се инспирирани од вистинити настани и личности.

Преку расказите, од кои некои звучат како животна исповед, Таневски живописно ѝ се обраќа на читателската публика, нагласувајќи ја силната потреба од вистински животни вредности во денешното модерно општество. Негова главна мотивација се луѓето, нивните чувства и светот што ги опкружува. Поставувајќи прашања од типот „Колку вредиш?“, „Достоинство или гордост?“, „Зошто нè боли?“ авторот во расказите директно му се обраќа на читателот, помагајќи му да го открие вистинското решение за различни внатрешни конфликти.

Низ некои раскази читателот ќе прочита дефиниции за пријателството, разликите меѓу лажната и вистинската љубов, искреноста, тежината на животот, значењето на човечноста и слично. Секој расказ е видување од секојдневието, размислување или соочување со одредена појава во современото општество, опишувајќи ги различните нивоа на свест кај луѓето. Некои раскази се кратки, во збиена форма, со метафори и афоризми. Други се во форма на есеи, со слики и дијалози кои на расказот му даваат форма на роман.

Во повеќето од нив акцентот е поставен на односите меѓу жените и мажите, емотивната врска што ги поврзува и потребата за сознание. Мислата на авторот ја црпи инспирацијата од лични портрети и расположенија, така во „Колекционер“ ќе наидете на различни моменти што ќе ве насмеат или расплачат. Јазикот на авторот е флуиден, ефективен и концизен, со мотивирачко дејствие.

Суштинското во нив е анализата на теми што се вешто издвоени, како грижи со кои луѓето се преокупирани и во кои секој од нас може да се препознае себеси или некој близок. Посебно би ја издвоила магичната перспектива во расказите „Музеј на феномени“, „Соперници“ и „Проштален коктел“, преку неколку цитати.

„Ми стана јасно дека „МИСЛЕЊЕ СО СВОЈА ГЛАВА“ сигурно е нешто страшно токсично или заразно штом вака внимателно го затвориле. Добро е, што сепак, има некој да нè заштити од вакви страшни нешта“. (цитат од  расказот „Музеј на феномени)

„Туѓата среќа почна да ја смета за своја. А кога човек ќе го навикне окото да бара среќа, секогаш ја наоѓа. Тоа се тие таканаречени среќни очи, кои во сè го гледаат доброто. Со години го правеше тоа. Немајќи сопствени причини за живот, постоеше заради другите“. (цитат од „Проштален коктел)

„Се прашуваше колку ли солзи исплакала додека тој не се освести. Во нејзиниот поглед осети страв. Страв да не го изгуби. Томи го препозна тој поглед бидејќи мајка му го имаше истиот тој поглед кога татко му доживеа сообраќајка и за малку ќе го изгубеше“. (цитат од „Соперници“)

 „Колекционер“ е книга со енергични раскази за животот, за потрагата по среќа, за немирот во сите нас и копнежот за безрезервна љубов. Стилот на Таневски е креативен, на моменти поетичен и визионерски, со моќ за будење на најдлабоки човечки чувства. Сето тоа создава позитивна енергија и пријатно чувство кај читателот додека ги чита расказите и го доживува светот од поинаква перспектива. 

Коментирај