Со почит кон своите корени, македонскиот пијанист од светски глас, Симон Трпчески, на 27 август ќе ја изведе претпремиерата на својот проект Мakedonissimo во родното место на неговиот татко, струшкото село Збажди.

Во предвечерието на големиот христијански празник Голема Богородица, Трпчески и пријателите пред публиката, ќе изведат прилагодена програма од албумот „Мakedonissimo“.
Овој проект, во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови.
Уникатниот тим на Мakedonissimo – квинтетот го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.

„Бидете и Вие дел од ова несекојдневно доживување, во очекување на скорешните изведби на Мakedonissimo на сцените од каде што се изнедри ова вонвременско музичко патешествие што го освои светот“, велат од Здружението за култура и уметност КултурОп.
За проектот Makedonissimo Трпчески говореше и во минатогодишното интервју специјално за Кајгана, кое можете да го прочитате со клик тука.