Фудбал

Премиер лига: Најдобри трансфери на последниот ден од преодниот рок

9. август 2018 - 13:50 | Кирил Зарински

Наближувајќи се до последните неколку часа од преодниот рок во Премиер лигата, се потсетуваме на најдобрите трансфери на последниот ден од преодниот рок во изминатите неколку години. Некои од нив целосно ги променија клубовите за кои потпишаа, донесоа успеси и титули и станаа култни херои.

Последниот ден од преодниот рок во Англија се доживува како празник. Сите спортски новинари се излезени на терен и непрекинато ги следат случувањата на трансфер пазарот, додека клубовите со последни сили се обидуваат да ги засилат составите за претстојната сезона.

Поради тоа, не е чудно што токму на последниот ден од трансфер периодот се трошат големи пари и се прават многу важни трансфери. Англиските клубови се познати како големи потрошувачи и силни играчи на трансфер пазарот, а ова се само неколку од најдобрите трансфери кои тие ги направија на специјалниот Deadline day.

Хуго Љорис

Почнуваме со голманската позиција, каде се наоѓа капитенот на актуелниот светски првак Франција, Хуго Љорис. Тотенхем го купи на последниот ден од преодниот рок во 2012 година, за сума од само 8 милиони фунти, што изгледа како микро-сума за денешниот пазар. Љорис прерасна во голман бр. 1 во Тотенхем, притоа носејќи ја капитенската лента на тимот.

Димитар Бербатов

Уште еден трансфер во кој е вмешан Тотенхем, но овојпат од страната која продава. Бугарскиот напаѓач Димитар Бербатов го помина летото 2008 година очајно барајќи трансфер во поголем клуб и кога Манчестер Јунајтед тропна на вратата, Тотенхем мораше да го пушти да замине. Јунајтед за него плати нешто повеќе од 30 милиони фунти, а Бугаринот им врати со 56 гола во 149 настапи и притоа освои 2 титули во трите години во кои беше на Олд Трафорд.

Месут Озил

Германскиот плејмејкер ги преживеа најлошите 12 месеци од неговата кариера во изминатата година, но неговата кариера може да се земе како пример за еден голем професионалец и победник. Озил го напушти Реал Мадрид на последниот ден од преодниот рок во 2013 година и потпиша за Арсенал, каде Арсен Венгер реши да ја гради играта на тимот околу него. И не погреши, бидејќи Германецот се покажа како еден од најдобрите играчи на неговата позиција.

Карлос Тевез

На 31 август 2006 година фудбалскиот свет занеме кога слушна дека дуото составено од Карлос Тевез и Хавиер Маскерано го засили тимот на Вест Хем од бразилскиот прволигаш Коринтијанс. Маскерано не успеа да се снајде во лондонскиот клуб, но Тевез остана запаметен како култен лик на Аптон Парк и го одведе Вест Хем до една многу успешна сезона, пред да си замине во Манчестер Јунајтед следното лето.

Ешли Кол

Во еден од најконтроверзните трансфери на сите времиња, Ешли Кол го напушти Арсенал за да замине во Челзи, а за возврат „Топџиите“ добија само 5 милиони фунти и Вилијам Галас. Кол во тој момент беше најдобриот лев бек во Премиер лигата, а единствена конкуренција во светскиот фудбал му беше Роберто Карлос, кој ги играше последните години од неговиот врв на кариерата. Во Челзи, Ешли Кол освои 9 трофеи и одигра повеќе од 300 натпревари.

Вејн Руни

Сега е познат како најдобриот стрелец на англиската репрезентација на сите времиња, но во летото 2004 година Вејн Руни беше познат како најскапиот тинејџер во историјата на Премиер лигата. Неговиот трансфер од Евертон во Манчестер Јунајтед чинеше 25 милиони фунти, што беше голема сума во тоа време, но земајќи предвид какви успеси имаше Руни во Манчестер, сигурно Фергусон не зажалил ниту за едно пени потрошено во трансферот. На неговото деби тој постигна хет трик, а во наредните 13 години настапи преку 500 пати за Манчестер Јунајтед, постигна 282 гола и освои 16 трофеи со клубот, меѓу кои и Лигата на шампионите во 2008 година. Солидна инвестиција, би рекле.

Коментирај