Филм & ТВ

Премиера на „Готлиб“, најнов македонски анимиран филм

10. ноември 2018 - 9:53 |

„Готлиб“ е краток анимиран филм, во режија на Крсте Господиновски, а во продукција на Uzengija Productions и копродукција на Flip Book Productions и Ars Digital, поддржан од Агенцијата за филм на Р. Македонија.

Изгубен и заглавен во лавиринтот на сопствената потсвест, главниот лик Готлиб грчевито се бори да го пронајде патот назад во реалноста. Во оваа потрага, тој постојано го препрашува постоењето на неговиот измислен свет, дури дотаму што се обидува да го деконструира, па макар што тоа значи и ризик по сопствениот живот. На самиот крај, додека неговите реалности се судираат една со друга, тој станува свесен за заробеноста во себе самиот.

Накратко ова е сижето на „Готлиб“ кој е навистина новитет и храбар исчекор во третманот на анимираниот филм во Македонија. Несомнено тој станува дел од историјата на македонскиот анимиран филм како прв кој комбинира 3 различни техники на анимација, за да ни прикаже свет кој е апсолутен симулакрум и во кој реалностите се претопуваат една во друга.

Филмот ќе биде прикажан премиерно на 10 ноември, на филмскиот фестивал Cinedays 2018, како дел од програмата „Кратки филмови: Македонија“. Напоредно со премиерата, ќе биде поставена и изложба со „актерите“, дел од сценографијата и дел од илјадниците цртежи направени за филмот со што ќе имате и одблиску можност да се запознаете со дел од процесот на изработка на овој анимиран филм.

Коментирај